Благодарница на Општина Велес за континуирана поддршка при имплементација на воспитно образовна методологија „Чекор по чекор“ во ЈОУДГ „Димче Мирчев“
Денес се одржа свеченост во Детската градинка „Димче Мирчев“ клон 3, по повод 10 години од работата на Фондацијата „Чекор по чекор“. Плодната соработка на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и ЈОУДГ„Димче Мирчев“ започнува во1994 година кога само во 10 градови во Република Македонија се имплементира оваа воспитно-образовна методологија иницирана од Институт отворено Општество Њујорк и универзитетот George Town од Вашингтон.
Денес Велес има голема причина да се гордее, велешката градинка е една од најдобрите во Република Македонија. Сите честитки за креативниот тим раководен од г-ѓа Тања Ѓорѓиева Лазаревски но и на нејзините претходници кои умееја да го препознаат квалитетот на програмата „Чекор по чекор“ и да го прифатат како предизвик за работа.
Градоначалникот Горан Петров упати благодарност од свое име, од името на Советот на Општина Велес и од името на родителите чии деца израснаа во оваа градинка до Фондацијата и до нејзиниот извршен директор Сузана Киранџиска.
Времето покажа дека укажаната довербата да го одберат Велес и овој клон на градинката и да реализираат во него нова програма е оправдана. Уште многу може да се зборува за градинката, за нејзиниот неуморен тим, за инвентивноста, за посветеноста , за креативноста, за воведените новини, за радоста што му ја носи на овој град.