Денови на франкофонијата во Велес

Во организација на Франкофонски круг-Скопје и Општина Велес, на 30-ти март годинава Велес беше домаќин на културен настан во чест на деновите на франкофонијата. По тој повод во ликовниот салон беше отворена изложбата „96 години од една мисија во Тиквешијата“, а се одржа и промоција на книгата „Сказната за Солунската Армија“ од Џорџ Вард Прајс. Амбасадорот Благој Зашов – претседател на Франкофонскиот круг од Скопје нагласи дека овој настан е прв во низата што годинава ги организира Франкофонскиот круг по повод Деновите на франкофонијата.

„Оваа земја низ која поминале многу војски и во Балканските и во двете светски војни сега сака да ја открие историјата“ изјави Зашов кој потенцираше дека новите генерации не можат да градат споменици без да го осознаат минатото.  Изложбата во ликовниот салон ја отвори Жан Клод Шлумберже , Амбасадор на Република Франција во Република Македонија „Проектот е многу важен од историска гледна точка затоа што француското присуство овде е очигледно, докажано со пролевање на многу крв низ историјата.  Исто така, овој настан  за нас е порака за иднината и помирувањето затоа што по крвавите Балкански војни помирувањето беше најважно  за сите и на сите нивоа“, изјави за медиумите Амбасадорот Шлумберже Градоначалникот Горан Петров изрази задоволство од можноста Велес да биде домаќин на одбележувањето на Деновите на франкофонијата „Исклучително е значајно Велес да го промовира својот сопствен франкофонски круг, односно луѓето кои го промовираат францускиот јазик, култура, уметност“. Градоначалникот во своето обраќање ја потенцираше вековната соработка и пријателство со Република Франција што се негува и денес преку воспоставување на соработка со француските градови и асоцијации.

Во рамките на Настанот на кој присуствуваше и Жан Ив Лавоар, Директор на Францускиот културен центар  и претставници на Сојузот на борци од НОВ, д -р Тодор Чепреганов, директор на Институтот за национална историја и д-р Владимир Цветковски, универзитетски професор  и преведувач ја промовираа книгата „Сказната за Солунската Армија“ од Џорџ Вард Прајс. Со препорака до читателите дека во книгата провејува францускиот дух, промоторите навестија дека во делото на Прајс можете да ги сретнете вистинските приказни за македонскиот фронт, крвта што ја пролеале илјадници војници на ова тло, за француските војници кои граделе патишта  и како што нагласи д-р Чепреганов  „големата македонска  трагедија - распрачувањето на монолитното македонско ткиво“. Одбележувањето на Деновите на франкофонијата предизвика голем интерес кај велешките љубители на францускиот јазик и култура.