Реформи во образованието

Општина Велес ја презентираше визијата за реформи на образованието во процесот на децентрализација.

Image На трибината на тема „Концептот на образованието во Општина Велес“, на која присуствуваа претставници на Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Комисијата за општествени дејности и членови на Советот на Општина Велес, Бирото за развој на образованието, директори и и наставници во основните училишта, Градоначалникот Аце Коцевски ја презентираше визијата на Општина Велес за реорганизација и реонизација на училиштата во општината.

„Реформите носат позитивни ефекти на среден и долг рок, а краткорочно вообичаено се непопуларни. Образованието е темел на секое општество, а наша обврска е образовните темели да ги направиме постабилни и да го подобриме квалитетот, ефикасноста и економичноста на образованието“, рече Коцевски. Притоа пред присутните тој презентираше три варијанти за реформи во училиштата во процесот на децентрализација:
  1. Пасивна варијанта со непреземање на активности и очекување Министерството за образование да престане да ги финансира училиштата кои не ги исполнуваат стандардите за работа.
  2. Здружување на училиштата со задржување на нивниот правен статус и
  3. Здружување на училиштата со губење на правниот статус на некои од училиштата што ќе се спојат.
Според Кирил Ристевски, раководител на Секторот за основно образование при Министерството за образование и наука, реформите се тешки процеси но неопходно е да се спроведат. „Министерството за образование во повеќе наврати се обиде да направи нешто на планот на рационализацијата, но секогаш наидувавме на голем отпор“, рече Ристевски кој меѓу другото напомена дека во Република Македонија 40 училишта не ги исполнуваат основните стандарди за работа.

Според податоците од Бирото за развој на образованието во Велес во споредба со 1991 година бројот на учениците е намален за 1805 или за 21 паралелка.

Нелогично е вештачки да се одржуваат паралелки со мал број на ученици или да се плаќа превоз на ученици кои учат во најдалечното наместо во најблиското училиште до местото на живеење. Неопходно е да се редуцираат сите непотребни трошоци со цел во рамките на децентрализацијата да се избегне финансиски колапс, беше речено на трибината.
Презентираните анализи предизвикаа широка расправа на учесниците чии наголеми реакции се однесуваат на евентуалните технолошки вишоци во образованието.

Image

Во периодот што следи Општина Велес ќе се продолжи со темелна анализа на состојбите и подготовка на процесот на рационализација и реонизација на училиштата во соработка со директорите на училиштата, наставниците и родителите.

Воедно и ќе се работи на создавање услови за дисперзија на нови студиски групи со цел Велес да прерасне во универзитетски град.