Велешани се дружеа со Мировниот Корпус
Во организација на Општина Велес и Мировниот Корпус на САД , на 20-ти април годинава во Младинскиот парк беше одбележан големиот јубилеј 50 години Мировен Корпус во светот и 15 во Македонија. На настанот учествуваа волонтерите од 15-та група на Мировниот Корпус во Македонија, велешките основни и средни училишта, невладините организации, стопанствениците и занаетчиите. Гостин на прославата беше Амбасадорот на САД Филип Рикер кој изрази задоволство од взаемната соработка. „Голема чест за мене е да бидам во Велес на овој прекрасен ден пред Велигденските празници и по повод одбележувањето на јубилејот 50 години Мировен Корпус во светот и 15 во Македонија.
Мислам дека Мировен Корпус ќе продолжи да работи во Македонија со нови волонтери како во изминативе 15 години.“, рече Рикер. Амбасадорот изрази благодарност до Градоначалникот Горан Петров и граѓаните на Велес за разбирањето и поддршката на работата на волонтерите. „Мировниот Корпус е овде 15 години и ние сме многу задоволни што нашата програма овде се развива благодарение на гостољубивоста и топлината на македонскиот народ. Нема подобар начин да се придонесе за мирот во светот од взаемното запознавање на нашите земји“, рече Стивен Каци, директор на Мировниот Корпус за Македонија. „Се надевам дека нашите американски пријатели се уверија дека нивните волонтери овде се прифатени, дека прават многу корисна работа за заедницата и дека ние како граѓани на Велес и како жители на Република Македонија знаеме и го цениме тоа. САД на повеќе начини помагаат во Македонија. Јас сум презадоволен затоа што Велес е град во кој многу често за првпат се реализираат проекти како што е населбата Хабитат“, изјави Градоначалникот Горан Петров. Манифестацијата донесе колорит на живот и креативност во центарот на Велес каде во пресрет на Велигденските празници учениците ги презентираа декорираните велигденски јајца на тема „Моите американски пријатели“, а стопанствениците, занаетчиите и невладините организации своите производи и проекти. За добрата музичка атмосфера се погрижи Венко Серафимов со неговиот бенд, учениците Драгица Величковска, Димитар Шопов и волонтерката на Мировниот Корпус Кара Брадбери.