Во чест на гемиџиите

Со повеќе пригодни манифестации Општина Велес ја одбележа 108 годишнината од Солуските атентати. Чествувањето на Гемиџиите и нивната саможртва за Македонија започна на 26 април годинава со отворањето на историската изложба „Павел Шатев“ во ликовниот салон во Велес. Изложбата ја подготвија д-р Нина Нинчовска и д-р Зоран Тодоровски кој за медиумите ја потенцираше значајната улога на Павел Шатев во историјата на македонскиот народ. „Павел Шатев е еден од првите македонски државници, голем национален деец, родољуб, Гемиџија, истакнат деец на македонската емигрантска организација, еден од првите членови на АСНОМ и член на првата македонска Влада како министер за правосудство“, изјави Тодоровски.

 

Изложбата што имаат можност да ја видат велешани  е плод на долгогодишна истражувачка работа во архивите во Македонија, Србија и Бугарија и го опфаќа животот, школувањето и револуционерниот пат на Павел Шатев се до неговата трагична смрт во 1951 година.  По повод 108 годишнината од солунските атентати делегации на Општина Велес, Општинската организација на Сојузот на борците, политички партии и здруженија на граѓани положија букети цвеќе пред споменикот на Гемиџиите во Велес. Делегација на Општина Велес му оддаде почит на најмладиот Гемиџија, Милан Арсов на неговиот гроб во Ораовец.  За првпат годинава, делегации  им оддадоа почит на Гемиџиите со положување букети цвеќе на нивниот нов споменик во Скопје, во непосредна близина на Камениот мост.

 

Македонија не ги заборава младите интелектуалци и револуционери од Велес, Кратово и Охрид кои  на 28 април 1903 година ја извршиле својата прва акција - напад на бродот “Гвадилкивир” во Солунското пристаниште. Следниот ден се прекинати цевките на гасоводната инсталација во градот, и извршен е напад на Отоманската банка и Австроунгарската пошта во Солун. Последната акција, диверзија на телеграфската станица, Гемиџиите ја извршиле  на 1 мај 1903 година. Најголемиот дел од Гемиџиите загинале во акциите или си го одзеле животот. Останале живи Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов и Марко Бошнаков. Гемиџиите останаа запаметени како симбол на храброста и пожртвуваноста, големи револуционери кои го свртеа вниманието на Европа и светот кон положбата на македонскиот народ во отоманската империја.

 

Пораката на Гемиџиите  „Се арчиме за Македонија“ денес е симбол на македонскиот непрегор и желбата  за самостојна, слободна татковина.