Хабитат - Свеченост за потпишување на договори со 24 семејства
Денес на свечен начин се потпишаа договорите со семејствата партнери на проектот на хуманитарната организација ,,Хабитат“. „Во 2009 година ова беше парче земја, без инфраструктура, површина од 11.685м државно земјиште без посебна намена.Благодарната мисија на Хабитат помогна да никнат овие градби што веќе од утре ќе бидат дом на 24 млади велешки семејства и првите домови во населбата Хабитат. Намерно синтагмата стамбени единици ја заменувам со зборот дом затоа што оваа населба ќе биде најмладата во Општина Велес не само по новоградбите, туку и по возраста на семејствата што ќе живеат во неа. Мисијата на Хабитат е токму таа: да го остварат сонот на младите семејства за поседување на свој сопствен дом, свое топло огниште“, кажа градоначалникот Горан Петров во своето обраќање.
На свеченоста присуствуваа неговата екселенција господинот Филип Рикер и г-ѓа Солви Рикер кои од самиот почеток се вклучија во реализацијата на овој проект и како дел од волонтерскиот тим што гради домови за иднината на Велес. Свое обраќање имаа директорот на канцеларијата на Хабитат за Европа и Централна Азија и Татјана Лазаревска претседател на Управниот одбор на Хабитат Македонија. Градоначалникот во оваа прилика изрази благодарност на канцеларијата на Хабитат во Македонија за посветеноста во работата на проектот во Велес, и на волонтерите за несебичното залагање, а на партнерските семејства им посака многу животни радости, повеќе деца и многу среќа во новите домови.