Средба за фер и демократски избори

На иницијатива на Градоначалникот Горан Петров, на 6-ти мај годинава во просториите на Општина Велес се одржа средба со претставниците на Мисијата на ОБСЕ и претседателите на општинските ограноци на политичките партии. На средбата на која присуствуваа 15 претседатели на општинските ограноци на партиите, претставници на СВР-Велес и електронските и печатените медиуми се дискутираше за чекорите што сите поединечно можат да ги преземат во насока на одржување на фер и демократски избори како предуслов за влез во ЕУ и НАТО.  „Како учесник во неколку изборни процеси верувам дека Велес ќе успее да го задржи епитетот на град во кој се остваруваат фер и демократски избори без инциденти.

Моја лична желба е овие избори да поминат максимално коректно во една демократска атмосфера. Со овој прв чекор кога политичките партии седнуваат и дискутираат заедно испраќаме сигнал дека сакаме фер и демократски избори“, рече Градоначалникот Горан Петров кој го поздрави присуството на претставниците на ОБСЕ и СВР –Велес.  Со констатација дека регуларноста на изборите ќе зависи од актерите во изборниот процес, претседателите на општинските ограноци на партиите дадоа свои видувања на актуелната ситуација. Во насока на остварување на целта: фер и демократски избори, учесниците на средбата се договорија до денот на изборите да остварат уште две заеднички средби на кои ќе се дискутира за актуелни прашања поврзани со изборниот процес. Градоначалникот Петров упати јавна благодарност до сите претседатели на општинските ограноци на партиите што ја прифатија неговата иницијатива за средба и дискусија.