Едукации за превенција од туберкулоза

Во рамките на Програмата на активности од областа на социјалната и здравствената заштита на Општина Велес за 2011 година и во согласност со Локалниот акционен план на Советот на Општина Велес за контрола на туберкулозата 2008 - 2012, а во врска со преземената обврска од Општинската организација на Црвениот крст Велес за едукација на населението за превенција од туберкулозата на 5-ти и 9-ти мај беа одржани две работилници за превенција од туберкулозата.

На 5-ти мај волонтерите на Црвениот крст, обучени за врсничка едукација Африм Незири, Мерита Џемаили, Кани Амзиу и Незија Лимани - ученици во трета година во Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, одржаа работилница за учениците од седмо и осмо одделение во основното училиште во село Бузалково. На 9-ти мај младинскиот едукатор на Црвениот крст Мартин Ангелов одржа работилница со ученици од основното училиште во село Горно Оризари. Непосредно, во деновите пред одржувањето на работилниците д-р Анета Ковачки, пнеумофтизиолог претседател на секцијата за борба против туберкулозата при Општинската организација на Црвен крст Велес одржа три едукативни сесии за жени од ромската етничка заедница. Во периодот до 15-ти мај ќе се одржат уште две работилници со учениците во училиштата во село Иванковци и Сујаклари и една едукативна сесија со жени - самохрани мајки и социјални случаи.