Магистерска изложба на Александар Јовановски Мијак

МијакВелешкиот храм на уметноста – Ликовниот салон, вчера, 11.05.2011 година, беше претесен да ги прими сите гости на академскиот сликар Александар Јовановски. Повод за изложбата беше обележувањето на десет години од дипломирањето, презентација на магистерскиот труд и обзнанувањето на новиот белег на неговиот идентитет – додавката МИЈАК кон презимето Јовановски. Професорот Динка, промотор на изложбата и рецензентите проф.Вуисиќ и проф.Георгиевски ја претставија пред присутните стручната и уметничка перфекција на авторот, а Градоначалникот Петров го обзнани новото име на Јовановски како нов почеток на неговата креативна животна и уметничка патека која е природно продолжение на славната лоза на мијачки мајстори на профаното и световното сликарство. И бидејќи за се во основа причината е во семејството, оваа изложба и овој нов идентитет во знак на благодарност Јовановски им ги посвети на своите родители.