Младите во билатерална соработка

Од 22 до 28 мај годинава делегација од 17 ученици и двајца професори од  средното училиште „Станислава Сташица“  од Новогард, Република Полска престојуваат во посета на Велес и Република Македонија. Истовремено, ученици и професори од ССОУ „Коле Неделковски“ од Велес престојуваат во збратимениот град Новогард во Република Полска. На средбата со младите посетители од Република Полска  Градоначалникот на Велес, Горан Петров им порача дека тие се столбот не само на билатералната соработка туку и на претстојните меѓународни активности за размена на знаења, вештини и искуства со учениците и од други држави меѓу кои Германија, Шведска и Норвешка.

На средбата во Општина Велес, на 23 мај годинава, Градоначалникот Петров, Валентин Елисковски  директор на ССОУ „Коле Неделковски“ –Велес и  Мирослава Шмењак професор во средното стручно училиште  „Станислава Сташица“ –Новогард изразија задоволство од успешната соработка помеѓу градовите и училиштата што претставува основа за нови меѓународни проектни активности. Покрај  образовните институции и културните вредности на Велес, гостите од Република Полска ќе имаат можност да се запознаат со компаниите со кои соработува ССОУ „Коле Неделковски“ – металната индустрија „Брако“ и „Динамо Хит“. Гостите ќе посетат знаменитости и  во Охрид ,  Струмица и Скопје.