Рациновите признанија 2011 за Владимир Попов и Златко Крамариќ

Добитник на Рациновото признание за 2011 година е писателот Владимир Попов за романот „Наспроти Ветрот“ во издание на „Култура“ од Скопје.  Образложувајќи ја одлуката, на прес конференцијата  што на 27 мај годинава се одржа  во Општина Велес,  претседателот  на Жири -комисијата Братислав Ташковски  нагласи дека  од 20 прозни остварувања и  4 што влегле во најтесен избор за престижната награда, романот на Попов е издвоен поради квалитетот, нарацијата и актуелноста на темата. Како што стои во одлуката  „Романот „Наспроти Ветрот“  е впечатлива приказна која започнува со распадот на бившата држава и преку интересни раскажувачки проседеа го следи животниот пат на еден обичен човек, графички работник кој верува во вредностите и сопствениот труд“.

Жирито оценува  дека романот е сугестивна човечка драма раскажана без изнасилен патос, со карактеристично детализирање и претставува продолжување на успешната традиција на македонската проза. „Со добивањето на големото Рациново признание ова дело добива творечко вреднување кое ми дава за право да верувам дека сум постигнал уметничка зрелост и дека мојот минат авторски труд не е попусто поарчен. Уште поголема сатисфакција од добивањето на ова значајно признание е што мојот роман во пошироки рамки кореспондира со Рациновите погледи, заложби, идеали и борба за правото на работникот“ изјави за медиумите годинешниот лауреат Владимир Попов. Градоначалникот Горан Петров, во улога на претседател на Организациониот одбор соопшти дека добитник на почесното Рациново признание за афирмација на македонската литература годинава е големиот македонист проф. др. Златко Крамариќ, актуелен Амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија.  Наградите на лауреатите ќе им бидат доделени на 48-то издание на поетската манифестација „Рацинови средби“ што ќе се одржи на 8-ми и 9-ти јуни во Велес.