Македонија го чествува Рацин

По 48 пат, Велес пулсира во ритмот на Рациновата поезија како непресушен извор на македонскиот културен идентитет. Традиционалната меѓународна поетска манифестација „Рацинови средби“ ги собра поетите од Македонија, Романија, Бугарија, Србија, Грција и Украина во Велес, средиштето на Рациновото постоење. Средбите започнаа на 8-ми јуни со почитта што многубројни делегации му ја оддадоа на поетот пред неговите паметници во Велес.

Пред споменикот во центарот на градот говореше Ристо Лазаров, претседател на македонскиот ПЕН Центар. Во ликовниот салон Раде Силјан , претседател на Друштвото на писателите на Македонија со зборови го наслика портретот на Блаже Конески, а Славчо Чадиев, претседател на Советот на Општина Велес отвори изложба на фотографии од стар Велес. Присутните поети и гости од земјава и од странство имаа можност да го доживеат Рацин и преку грнчарството на отворената изложба на грнчарски производи што ја организираше ЗГ „Разбој“.

 

48-те Рацинови средби ги отвори Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која го нагласи значењето на Рацин и неговата поезија во глобалните поетски вредности. „Франција денес го слави Виктор Иго, Русија го слави Пушкин, Шпанија – Лорка, Германија – Бихнер, а Македонија ја слави генијалната поетска мисла на Рацин, неговото визионерство, со кое се издигна високо на интернационалниот книжевен пиедестал. Ова е убав повод да се навратиме  на делото на Кочо Рацин, великанот на македонската книжевна реч, првиот македонски автор објавен во плејадата на УНЕСКО“, рече Милевска.

 

Во Своето обраќање, Градоначалникот Горан Петров им посака добредојде на поетите и гостите. „Се гордеам што сум градоначалник на Рациновиот Велес и од името на сите негови граѓани Ви посакувам што попријатно да се чувствувате во него. Вие сте во срцето на Македонија, но и во срцето на поетот кој немаше ништо лично. Се ни откри, се ни покажа и се ни подари – и песните, и душата и љубовта“, рече Петров. Беседата за Рацин ја одржа проф. д-р Ѓорги Сталев кој го нагласи ликот на македонскиот гениј во Рацин. „Народната песна која Рацин ја нарече молитва на македонскиот народ не одржува до ден денешен. Тој е една генијална личност која покажа како човек со одвај неколку години основно образование успеа да се избори ,да  се крене како автодидакт до таа мера што да му позавидат  и најпознатите универзитетски имиња во тогашно време. Успеа да се самообразува во личност какава што Македонија би требало да има во секој момент. Тој покажа дека со неговата стихозбирка е основоположник на современата наша поезија, но е многу повеќе од основоположник. Тој е практично еден патеводител по кој тргнаа многу наши поети “, рече проф. д-р Сталев.

 

26 поети од Македонија и Балканот во чест на Рацин со свои стихови го славеа зборот. Вечерта ја збогатија настапите на маестро Борис Трајанов и Мики Секуловски.  Рационовите средби продолжуваат на 9-ти јуни со богати програмски содржини и централната манифестација „Мугра“ кога ќе бидат врачени Рациновите признанија на годинешните лауреати писателот  Владимир Попов и амбасадорот Златко Крамариќ.