Доделени Рациновите признанија
48–то издание на Меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ беше затворено на 9-ти јуни годинава со доделувањето на Рациновите признанија. „Мудрите луѓе предупредуваат дека наградите обврзуваат. Никогаш нема да престанам да пишувам. Јас веќе пишувам една нова книга за мојата обсесија-македонската кауза и топло се надевам дека до крајот на годината ќе ја завршам“, рече Златко Крамариќ, добитник на Почесното Рациново признание за 2011 година.
Крамариќ е филолог, професор, политичар и актуелен амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија. Неговата долгогодишна работа на афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура, книгите посветени на македонските писатели, теорија на литературата и македонистиката воопшто придонесоа за промоцијата на македонските литературни и културни вредности. Неговата книга „Идентитет, текст, нација“ поттикна широка дискусија во научната јавност во Македонија.
На свеченоста во салата „Бели мугри“ пред присутните се обрати и писателот Владимир Попов, добитник на „Рациновото признание 2011“ за неговиот роман „Наспроти ветрот“ во издание на „Култура“. „Неизмерно е чувството на задоволство и гордост. Уште поголема сатисфакција од добивањето на ова значајно признание е што мојот роман во пошироки рамки кореспондира со Рациновите погледи, заложби, идеали и борба за правото на работникот“, рече Попов. Тој годинава прославува 60 години живот,40 години творештво и 10-та објавена книга. Автор е на книги од различни литературни жанрови: поезија, романи,кратки раскази,40-на филмски осврти,сценарија за документарни емисии и играна серија. Братислав Ташковски, претседател на Жири комисијата за доделување на Рациновото признание нагласи дека романот на Попов „Наспроти ветрот“ претставува продолжување на успешната традиција на македонската проза.
Признанијата на годинешните лауреати им ги додели Градоначалникот Горан Петров во својство на претседател на Организациониот одбор на „Рациновите средби“.
Во чест на лауреатите настапија Зоран Џорлев, Благој Маротов и Тодор Трајчевски. Годинава манифестацијата беше збогатена со грнчарска работилница, читање на поезија пред спомен куќата на Коста Солев Рацин, а во негова чест се одржа и симпозиум на тема „Прозата на Рацин“. На Рациновите средби учествуваа 26 поети од Македонија, Романија, Бугарија, Србија, Грција и Украина.