Изгоре училиштето во Иванковци
Во пожар што избувна во раните утрински часови на 15 јуни годинава до темел изгоре општинското основно училиште „Стојан Бурчевски“ Буридан во село Иванковци. Градоначалникот Горан Петров, претседателот на Советот Славчо Чадиев и лица од надлежните институции од Велес го посетија местото на настанот каде е во тек увид за утврдување на причините за пожарот. Во пожарот е причинета голема материјална штета, но за среќа нема пријави за повредени лица. ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ е основано во 1965 та година и во себе ја обединува воспитно – образовната работа во подрачните училишта во селата Сујаклари, Отовица и Мамутчево.
Во училиштето се школуваат 70 ученици од I до IX одделение. Вкупно со подрачните училишта, училиштето опфаќа 136 ученици. Вработени се 32 лица. Училиштето во Иванковци располагаше со 9 училници со вкупна површина од 418 м², 3 канцеларии со вкупна површина од 55 м² и сала со површина од 200 м². И покрај интервенцијата на Територијалната противпожарна единица, огнот за кратко време го зафатил и го уништил целиот училишен објект. Причините за пожарот се утврдуваат, а ќе се утврдува и висината на причинетата материјална штета.