Нов театарски фестивал во Велес

Во организација на Центарот за креативни акции и идеи , Општина Велес и НУЦК „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, на 18 јуни годинава во Велес ќе стратува првото издание на фестивалот „ИМПАКТ".  „ИМПАКТ" е место на кое ќе се прикажуваат нови идеи и концепти“, најави на прес конференција режисерот Александар Ивановски, директор на фестивалот. Се работи за можност за преземање на ризици и надминување на границите.

 

Фестивалот ќе го промовира истражувањето и процесите на работа во театарската уметност и ќе направи обид да допре до концептуални прашања што го засегаат човештвото. Целта на фестивалот е да го зајакне брендот на Велес како град-стожер на театарската уметност во Македонија и да ги приближи современите театарски концепти до велешката и македонската публика. Во рамките на 4 фестивалски дена, љубителите на театарската уметност ќе имат можност да видат вкупно 8 театарски остварувања. Фестивалот започнува во сабота 18 јуни, во 20 часот  со настапот на „Словенско младинско гледалиште“ со претставата „Дива светица-мајка кучка“ . Во рамките на фестивалот претстави ќе одиграат „Оркестра ББ“ на Факултетот за драмска уметност –Скопје и „Sfumato“ - „Based on actual event“, Бугарија кои ќе се претстават со своја копродукција. Фестивалот ќе понуди и 4 продукции на танцов театар. Секоја фестивалска вечер ќе се играат по две претстави. Цената на билетот е 50 денари по театарска претстава додека за танцовиот театар цената на билетот е 50 денари за две претстави во рамките на една фестивалска вечер. Љубителите на театарот билетите можат да ги купат на касата во НУЦК „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“.