Стартуваше проектот „етно-работилници“
На 16 јуни стартуваше проектот Етно-работилници - ткајачка, која се реализира во куќата на Касапови и грнчарска во куќата на Рацин. Учесници во работилниците се ученици од основните и средните училишта. Изборот на учесниците е на доброволна основа. Тоа значи дека учествуваат само деца што се пријавиле за учество, што покажале интерес да се запознаат со овие занаети. „Една од најважните цели на проектот е да се развиеме љубовта кон етно-наследството кај најмладите, кај учениците и да не дозволиме вештините за изработка на етно предмети кои во минатото биле основни употребливи елементи во домаќинствата да исчезнат заедно со генерациите родени во минатиот век“ изјави градоначалникот Петров при посетата на работилниците“.
Инструктори не се уметници кои имаат универзитетска диплома од Факултетот за применета уметност, туку мајстори, односно занаетчии кои цел живот се занимаваат со оваа работа и живеат од неа. Етно-работилниците се партнерски проект на Општина Велес и ЗГ „Разбој“. Организациските работи – координација, набавка на материјали, разбој, логистика е на здружението на граѓани, а финансирањето на проекот е целосно од Општина Велес. Голема поддршка дава и Народниот музеј кој се грижи во целост за функционалност на објектите во кои се реализираат работилниците. Проектот трае 10 работни дена. Учесниците ќе добијат сертификати за учество. Предметите изработени на овие работилници ќе бидат изложени на трајна поставка во куќите во кои се одржуваат рабтилниците.