Градоначалникот во посета на ТППЕ

Завршувањето  на Првата фаза од проектот „Биди пожарникар“ што го реализираа вработени од ТППЕ Велес во изминативе два месеци беше повод Градоначалникот Горан Петров денес во работна посета да се сретне со вработените  во професионалната противпожарна единица. Проектот „Биди пожарникар„ се реализираше во сите седум основни училишта. Преку едукативни предавања за опасностите што ги кријат наивните детски игри, за тоа како треба да се дејствува во случај на појава на огин, како најбрзо да се известат надлежните и како треба да се однесуваат заради својата безбедност беа запознати околу 1100 деца од прво и второ одделение од Општина Велес.

Едукативните предавања кои наидоа на голем интерес кај учениците и наставниците ќе продолжат во наредната учебна година за учениците од прво одделение.
Предавањата ги реализираа вработени во ТППЕ.

 Во рамките на проектот беше снимен и документарниот  филм „Биди пожарникар“  . Филмот ќе имаат можност да го видат  учениците од основните училишта  од Општината.
Заслужува почит што една идеја прерасна во реализација со помош на сите вработени во ТППЕ и Општина Велес, која и понатаму ќе ги поттикнува и поддржува сите позитивни активности. – истакна градоначалникот Горан Петров. - ТППЕ  е  дел од  организациската структура на Општина Велес и таа и понатаму ќе вложува во унапредувањето на условите за работа. Со цел да се интегрира со постоечкиот информатички систем во Општината, капацитетите на ТППЕ од областа на информатичко-компјутерската технологија  зајакнати се со воспоставување на локална компјутерска мрежа во која се поврзани 4 компјутери, воспоставена е криптирана мрежна врска помеѓу зградите на Локалната самоуправа и ТППЕ, направено е скенирање на процесите на регистрите на документи и во системот се заведени сите припадници на единицата.

Останува уште да се заврши софтверскиот дел кој ќе ја поддржува работата на ТППЕ и да се изврши  потребната обука за користење  на интерниот систем за размена на документи.