Прием на учесниците на ИФФ
„Драги пријатели, учесници на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес“ 2011, добредојдовте во Општина Велес“, со овие зборови денес Градоначалникот Горан Петров ги поздрави гостите од Р. Хрватска, Р.Турција, Р.Романија, Кралството Холандија и Р.Словачка. Ми претставува чест и задоволство што имам можност да Ви посакам добредојде во просториите на Општина Велес. Особено се радувам што оваа година кругот на нашите пријатели од странство се зголемува. За прв пат во Велес гостуваат фолклорни ансамбли од Кралството Холандија и од Република Словачка.
Иако Општина Велес и со овие две земји има развиена соработка, особено со Вашите амбасади во Република Македонија, за прв пат се случува граѓаните на Велес да уживаат во фолклорот и традициите на Вашите земји, што морам да признаам беше вистинско уживање за сите нас. На сите Вас Ви посакувам пријатен престој во Велес, незаборавни мигови на дружење и пријателство што ќе Ве вратат повторно во Велес и Македонија.