Конкретни мерки за заштита на архитектонското наследство

Во организација на Општина Велес како седиште на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство, на 29 јуни годинава, во просториите на општината се одржа Конференција посветена на архитектонското наследство. Оваа област на интерес ја претставува оска 3  од Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и регионот Долна Нормандија, Република Франција.

 Во присуство на стручни лица од работните групи во општините Велес, Штип, Берово, Куманово и Кратово, претставници на Управата за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар и Архитектонскиот факултет во Скопје, делегација на Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност и заштитени зони и сектори ги презентираше своите впечатоци од досегашните проектни активности, како и плановите за развој на проектот. Во името на Општина Велес делгацијата ја поздрави Заменик - градоначалникот Петре Саздов кој го нагласи значењето на проектот.

„Нашата денешна средба во Велес е потврда дека билатералната соработка со Регионот Долна Нормандија на планот на заштитата на архитектонското наследство ја преточивме во вистинска размена на искуства што верувам допрва ќе придонесат за развојот на нашите градови“, рече Саздов. Антоан Бругерол, Жаки Крушо и Мјуриел Перен од Француската национална ацоцијација ја потенцираа важноста од преземањето на конкретни мерки во македонските општини со цел да се спречи деградацијата на архитектонското наследство и да се изградат капацитетите на општините за грижа за староградската архитектура. Своите искуства од проектот ги презентираа општините Штип, Берово и Велес каде петчлената делегација од Франција оствари средби со работните групи. Во текот на престојот во Македонија, делегацијата ќе работи и во градовите Куманово и Кратово, членки на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство. Работната група во Велес која ја сочинуваат вработени во општината и народниот музеј како и надворешни соработници – архитекти до 20 јули годинава треба да работи на конкретен проект за заштита на архитектонското наследство. Резултатите од овој и предложените проекти од сите 5 општини ќе бидат презентирани  на следната конференција што во почетокот на септември ќе се одржи во во Каен, Долна Нормандија.