Гемиџиите на новото време запловија по Вардар
Следејќи ја традицијата на Гемиџиите и велешките трговци, учесниците на 12-та Вардарска регата „Гемиџии“ на 30 јуни годинава, тргнаа кон Гевгелија. Учесниците им оддадоа почит на Гемиџиите пред нивниот паметник на брегот на Вардар и на гемиите запловија кон својата дестинација. Градоначалникот Горан Петров кој и годинава со претседателот на Советот Славчо Чадиев им се придружи на учесниците за медиумите изјави дека би прифатил да биде кормилар, но каде што е помирен Вардар затоа што кормиларењето можеби е и најголемата умешност што треба да ја поседува некој за да управува со сплавот.
Претседателот на советот Славчо Чадиев изрази задоволство од зголемувањето на бројот на учесници во регатата кој според него ги надминал очекувањата. Годинава караванот на Вардарската регата е составен од гемија и девет чамци. Во нив ќе пловат 66 почитувачи на велешката традиција. Имаат и логистика од копно што ќе им ја пружаат 15-тмина велешани. Александар Бузалков, раководител на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион рече дека манифестацијата има регионален карактер затоа што реката Вардар минува низ повеќе општини кои се дел од Вардарскиот плански регион. Во недела напладне гемиџиите на новото време ќе пристигнат во Гевгелија каде ќе се одржи завршната манифестација на Вардарската регатата „Гемиџии“. Манифестацијата ја организираа Општина Велес и Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.