Стартуваше изградбата на нова училишна зграда во с. Иванковци
„На први септември учениците од ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ ќе ја започнат новата учебна година како и сите други во Општина Велес, во училишна зграда“. Ова беа зборовите на Градоначалникот Горан Петров и Министерот за образование и наука Никола Тодоров на денешната скромна свеченост по повод започнувањето на изградбата на нов училишен објект. По опожарувањето на училишната зграда во с. Иванковци, Министерството за образование и наука обезбеди модуларен училишен објект, со високи стандарди – топловодно греење, топлинска ефикасност и огноотпорни материјали. Општина Велес ќе го прошири објектот со изградба на уште една училница и наставничка канцеларија, а во функција ќе се стави и објектот на училиштето т.е. поранешната наставничка зграда.