Јубилејното издание на „Стоби“ стартуваше со „Лисистрата“

На 15 јули годинава  театарот на античкиот локалитет „Стоби“ повторно стана центар на театарскиот живот на Македонија и Балканот. Јубилејното издание на фестивалот кој слави 10 години постоење и 20 години театарски остварувања на античката сцена стартуваше со документарниот филм „Стоби – капија на световите“ во продукција  на фестивалот и Net studio total production. Гледачите ги поздрави извршниот директор на фестивалот Зоран Љутков кој упати благодарност до сите институции, организации и поединци кои придонесоа за развој на фестивалот.

 

 

Од името на Општина Велес, присутните ги поздрави градоначалникот Горан Петров. „Стоби прерасна во обединувачка сила помеѓу древните текстови на античките автори и свежината на модерната театарска форма.  Радува фактот што идејата на велешките актери стана традиција и повеќе од тоа. Стоби е ентузијазам, сила, надеж и висок професионализам во исто време“, рече Петров. Десетото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ го отвори министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која им го честиташе јубилејот на организаторите. „Локалитетот Стоби, кој со моќта на своите многуслојни културни вредности со децении наназад го предизвикува вниманието на македонската и светската научна јавност и љубопитство на многубројните туристи кои доаѓале и доаѓаат да го посетат градот во кој се соединуваат и трансформираат различните цивилизациски епохи и култури, од вечерва повторно ќе не поттикне да го откриеме античкото волшепство на театарската сцена“, рече Милевска.  Традиционално, новото издание на фестивалот беше најавено со огномет. Честа први да настапат ја имаа актерите на Народниот театар од Ужице, Република Србија кои ја изведоа урнебесната комедија „Лисистрата“ од Аристофан, во режија на Бранко Поповиќ. Актерите од Република Србија измамија многу смеа и силен аплауз од публиката во Стоби. Фестивалот продолжува на 18-ти јули со претставата „Енеида“ на Театар Кабаре од Тузла, Босна и Херцеговина, во режија на Владо Ќерошевиќ.