Од Вергилиј до 21 век во Стоби
Љубителите на театарот имаа можност во рамките на ИФАД „Стоби“ 2011 да проследат две театарски остварувања што создадоа мост од римската митологија до денешното толкување на митовите и легендите на античкиот свет. На 18 –ти јули, во античкиот театар во Стоби се реинкарнираше „Енеида“ на Вергилиј во изведба на театарот Кабаре од Тузла, Босна и Херцеговина. Со 11 актери на сцената комплексноста на поетиката на Вергилиј прозвучи во Стоби. Приказната за талкањето на Енеј и основањето на Рим измами реакции на публиката која ја поздрави претставата со силен аплауз.
На 20-ти јули, до емоциите на гледачите допре претставата „Геноцид 21“ на Љубиша Ѓеоргиевски, во режија на Владлен Александров. Претставата на Драмски театар – Скопје предизвика силни реакции кај публиката поради актуелноста на текстот и извонредната изведба на актерите Јелена Жугиќ и Рубенс Муратовски. „Страдам заначи постојам“ и „Лажам значи постојам“ се вербалниот концепт со кој Љубиша Ѓеоргиевски од легендите и морбидните страдања на Тројанците под налетот на Елините го слика генетскиот код на глупоста. Претставата е повик за помирување и задира во најкомплексното прашање со кое денес се соочува македонскиот народ. Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ продолжува на 22 јули со претставата „Метаморфози“ на Охридскиот театар, во режија на Андреј Цветановски.