„Геноцид 21“ победник на Стоби

Со доделување на традиционалните награди за најуспешните, на 30 јули годинава, на античката сцена беше затворено 10-то јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на античка драма СТОБИ. Стручното жири во состав Маруша Гејмаер – Облак, Бедија Беговска и Братислав Димитров одлучи сите награди да и ги додели на претставата „Геноцид 21“ на Љубиша Ѓеоргиевски во изведба на Драмски театар - Скопје. Режисерот Владлен Александров ја доби наградата за Најдобра режија, актерката Јелена Жугиќ ја освои наградата за Најдобра женска улога, а  Рубенс Муратовски   наградата за најдобра машка улога.

 Според жирито, претставата во себе ја спојува визуелната уметност, креацијта, улогите, музиката и претставува комплетно театарско остварување што треба да го видат гледачите ширум светот. Наградите на најуспешните ги доделија членовите на жирито, а Гран при наградата за најдобра претстава што годинава ја понесе „Геноцид 21“  ја додели Градоначалникот Горан Петров. Во чест на наградените, Драмскиот театар од Скопје ја изведе претставата „Последните Македонци“ од група автори.

На јубилејното 10-то издание на фестивалот во официјална конкуренција  беа одиграни 7 претстави на театри од Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Турција. Фестивалот се одржа со финансиска поддршка на Општина Велес, Министерството за култура, винаријата „Стоби“ како и со поддршка на голем број компании и медиумски покровители. За првпат годинава, фестивалот го организираше Здружението на граѓани „Фестивал на античка драма СТОБИ“.