ДОСТОЈНО ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА
Општина Велес достојно го обележа Денот на независноста на Република Македонија 8-ми Септември, со традиционални спортски и културни настани, но и со специјална програма за 20 годишниот јубилеј. Викендот што му претходеше на празникот беше исполнет со бројни спортски настани од локално, републичко и меѓународно ниво. Се одржа меѓународен турнир во одбојка на песок, тенески натпревари „Велес опен 2011“, натпревар во футсал на репрезентациите на Македонија и Србија и низа други спортски случувања.
Вечерта што му претходеше на празникот ја обележа концертот на Велешките музички легенди, а на самиот ден, во исклучително свечена и достоинствена атмосфера велешани се поклонија во Спомен - костурницата пред јунаците на Македонија кои во изминатите 24 века се бореле за идеалот – слободна и независна Македонија.
На платото пред Спомен - костурницата се одржа пригодна програма во која зедоа учество децата од Детската градинка „Димче Мирчев“, Градскиот црковен хор „Св.вмч. Пантелејмон, актерите Слободанка Чичевска и Васил Зафирчев и пијанистот Илија Настов во заеднички перформанс под име „Во слава на родината“.
Од име на Градоначалникот и Советот на Општина Велес празнична честитка до велешани упати Петре Саздов, заменик на Градоначалникот на Општина Велес, кој честитајќи го празникот меѓудругото нагласи:
„Велес е главната алка, клучната нишка, темелот на македонската држава. Велешките дејци се идеолозите и креаторите на првиот устав (Петре Поп Арсов), на црешовото топче (Тодор Христов-Офицерчето), на I-то Заседание на АСНОМ (Панко Брашнар). Оттука и гордоста и значењето на овој ден за велешани се поголеми...
...Нам ни е оставено на совест и разум никогаш повеќе да не дозволиме нашата земја да биде монета за поткусурување на апетитите на големите сили. Ние мораме, ние знаеме како да ја чуваме својата дедовина. Тоа е врежано во генот и идентитетот на секој Македонец.“