Македонската асоцијација се претстави во Франција

На покана на Советот на регионот Долна Нормандија и Француската национална асоцијација на градови со историја и уметност, делегација на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство престојуваше во работна посета во Република Франција. Делегацијата предводена од Градоначалникот Горан Петров. претседател на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство   учествуваше на конференцијата посветена на управувањето со архитектонското наследство што на 6-ти септември се одржа во Кан, Долна Нормандија.

 

„Се гордеам со богатството и специфичната архитектура на Македонија и цврсто Верувам дека пријателството со Француската Национална Асоцијација и Регионот Долна Нормандија ќе ни помогне да ја сензибилизираме јавноста и да ја зајакнеме заштитата и афирмацијата на нашето архитектонско наследство во европски контекст. Очекувам успехот што го постигнавме во досегашните активности на проектот да го привлече интересот на уште поголем број општини во Македонија и Долна Нормандија со што би се создала можност за проширување на мрежата на градови заинтересирани за заштита и промоција на архитектонското наследство“, рече Петров во своето воведно обраќање. Тој ги презентираше сите досегашни искуства од оската 3 на децентрализираната соработка со Долна Нормандија и ги покани уметниците од регионот да учествуваат на меѓународните манифестации во Велес и во сите градови партнери на градовите во Долна Нормандија.

На Конференцијата на која присуствуваа Жан Руже, заменик-претседател на Француската Национална асоцијација на Градови со историја и уметност,Ален Туре потпретседател на Советот на регионот Долна Нормандија и Марилиз Ортиз, директор на Француската национална асоцијација, своите искуства во проектот ги презентираа и членовите на македонската делегација, архитекти и стручни лица од Штип, Куманово, Берово и Кратово. Програмата е реализирана со поддршка на француската и македонската влада  и асоцијацијата АЛДА која ги координира сите оски на соработка.