Предадено во употреба новото училиште во Иванковци
Денес на свечен начин беше предадена во употреба новата училишна зграда во Иванковци. Пред поголем број жители на Иванковци, ученици и гости новиот објект го предадоа во употреба вицепремиерот во Владата на Република Македонија ,Владимир Пешевски, министерот за образование и наука, Панче Кралев и градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров. Од името на учениците и вработените се заблагодари директорот на училиштето, Златко Јанев.
Старата училишна зграда во која учеа 70-тина ученици до темел изгоре во пожарот што го зафати училиштето во јуни годинава.Министерството за образование и наука во соработка со Општина Велес дејствуваа многу брзо и за рекордно кратко време успеаја да го завршат објектот и да овозможат навремено започнување на учебната година за учениците од ова велешко село.
Новата училишна зграда, која се наоѓа во непосредна близина на старото училиште, располага со четири училници, две канцеларии и помошен простор и целосно ги задоволува потребите на учениците за двосменско работење.
Од Министерството за образование и наука училиштето е опремено со клупи и столчиња, а се очекува во наредниов период да добие и потребна техничка опрема и други нагледни средства потребни за реализирање на наставните програми.