Проект за успешна децентрализација

ImageВо соработка со Американската агенција за меѓународен развој УСАИД започна имплементацијата на Интегрирана техничка помош во рамките на Проектот за успешна децентрализација.

Целта на проектот е градењето на капацитетите на општините за успешно превземање на новите одговорности кои им се пренесени со процесот на децентрализација. Проектот за интегрирана техничка помош опфаќа опширна програма за обука, инсталација и дизајн на компјутерски информациски систем и техничка помош за основното администрирање на општината во областите на администрирање на даноци, финансиски менаџмент, урбанистичко планирање и градежни дозволи, учество на граѓаните, локален економски развој, електронска влада и јавни комунални претпријатија.

Тоа значи дека Општина Велес ќе добие нова компјутерска опрема, специјализирани софтвери и обука за вработените во сите горенаведени области.

Централно место во Проектот за децентрализација на УСАИД е индексот на капацитетот на општините. На последното мерење на капацитетот Општина Велес со 42 поени е водечка во Македонија.

На влезната работилница во рамките на овој проект, Градоначалникот Аце Коцевски изрази надеж дека по имплементацијата на овој проект на следното мерење во Септември Општина Велес ќе постигне уште поголеми резултати. За реализација на проектот ќе биде потпишан Меморандум за разбирање како и Договори за имплементација за секоја област.