Продлабочување на соработката со Шербур

Во рамките на програмата за децентрализирана соработка  со Регионот Долна Нормандија во периодот од 19 до 22 септември годинава, во работна посета на Велес престојува делегација на градот пријател Шербур Октевиљ. Седумчлената  француска делегација предводена од замениците градоначалници Магалае и Шенина имаше можност во Велес да оствари средби со Градоначалникот Горан Петров, претседателот на Советот Славчо Чадиев, раководителот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион Александар Бузалков, директорите на јавните претпријатија, регионалната стопанска комора, локалните институции, граѓанските организации и медиумите. Во фокусот на вниманието на работните средби беа утврдените оски на соработка во областа на упраавувањето со отпад, културната размена, заштитата на архитектонското наследство, локалната економија, информатичката технологија, граѓанското учество и човечките ресурси.

На прес конференцијата по повод првата официјална посета на Велес, Жан Клод Магелае, Заменик Градоначалник за меѓународна соработка и граѓанско учество изрази задоволство од започнатата соработка и упати отворена покана до стручните лица и претставниците на медиумите преку работна посета на Шербур да се запознаат со системот на управување со комунален отпад кој во Франција е усогласен со европските стандарди. Градоначалникот Горан Петров изрази задоволство од подготвеноста на Шербур да соработува со Велес и од можноста за размена на искуства и знаења на патот кон евроинтеграциите. Во рамките на посетата делегацијата има можност да ги види културните, туристичките и економските потенцијали на Велес и да направи конкретен план за продлабочување на соработката и реализација на постапката за збратимување. Пријателите од Република Франција ќе остварат средба со Амбасадорот на Република Франција во Македонија Жан Клод Шлумберже и ќе имаат можност да ги посетат  знаменитостите на Скопје.