23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Денес во организација на Општина Велес, Општина Чашка и Државниот архив на Република Македонија ПО Велес, со пригодни настани беше обележан 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. Во чест на овој значаен датум од македонската историја, во некогашната лулка на Богомилството, село Богомила беше посетена спомен собата на македонскиот великан Петар Поп Арсов, вториот син на поп Илија и презвитера Ѕуна Поп Арсова.

Учениците од основното училиште од Богомила, чиј патрон е токму Поп Арсов изведоа  поетски рецитал, а бројни делегации од општините Велес и Чашка и членови на неговото семејство положија свежо цвеќе во чест на едниот од шестмината величенствени Македонци - осовоположници на Македонската револуционерна организација.

 

Обележувањето на празникот продолжи со трибина на тема:„Македонската револуционерна организација и Петар Поп Арсов.“
Со воведен збор на присутните најнапред им се обрати Слободан Ников, раководител на Подрачното одделение на Државниот архив, а модератор на трибината беше проф. д-р Ванчо Ѓоргиев. Во историскиот осврт проф. д-р Ѓоргиев  живописно говореше за револуционерот, идеологот, книжевникот и публицистот Петар Поп Арсов.

Покрај другото, ги напомена и организирањето на Македонското студентско друштво во Софија во кое Поп Арсов е истакнат активист, историски се наврати на теророт и туѓите пропаганди што го делат народот македонски на Срби, Грци и Бугари, на списанието "Лоза", под редакторство на Поп Арсов и  истакна дека токму тој е првиот Македонец кој за меките консонанти ја употреби формата на графемите, онака како што Мисирков тоа го направи по 11 години.

За крај уште еднаш потенцираше дека Поп Арсов со многу ја има задолжено Македонија, а за деецот до денес е недоволно сторено. Со апел и надеж за возврат на големината на делата на Поп Арсов, проф д-р Ѓоргиев се обрати до градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров.