Започнаа активностите по повод 9-ти ноември – Квиз ППЗ

Денес со одржувањето на 29-от по ред Општинскиот квиз за противпожарна заштита започнаа  активностите по повод 9-ти ноември, Денот на градот. Учениците од основните и средните училишта од Велес и соседната општина  Градско имаа можност да ги покажат своите знаења и вештини во областа на заштитата и справувањето со пожарите. Квизот го организира Општинскиот противпожарен сојуз под покровителство на градоначалникот Горан Петров  во соработка со општинските училишта. На овој натпревар учествуваа ученици од сите општински основни  и средни училишта, како и учениците од Основното училиште „Даме Груев“ од Градско.

Бурно поддржувани од своите соученици кои ја исполнија салата „Бели мугри“  во конкуренција на основно образование првопласирани се учениците од ООУ„Јордан  Хаџи Константинов Џинот“, втори се екипата на ООУ „Рајко Жинзифов“ и третото место им припадна на учениците од ООУ„Блаже Конески“. Во конкуренција на средни училишта првопласирани се учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“, втори се екипата на ССОУ „Димитрија Чуповски“ а на трето место се пласираа учениците од ССОУ „Коле Неделковски“. Со музички настап програмата ја збогатија ученици од ССОУ „Димитрија Чуповски“.

Свеченостите по повод  9-ти ноември продолжуваат в понеделник, на 7-ми ноември со крводарителска акција што ќе започне во 10,00 часот во Ликовниот салон.