Велес прославува 67 години од ослободување од фашизмот
По повод 9-ти Ноември, празникот на градот, се одржа Свечена седница на Совет на Општина Велес . „Велес осамна слободен во мугрите на 9-ти Ноември пред 67 години ослободен од страна на велешките борци и херои чии имиња останаа да живеат во имињата на институциите, манифестациите, улиците и спомен обележјата и секако најдлабоко во историската страница на градот. Нив и на сите херојски генерации велешани им благодарам од името на сите нас што го живееме идеалот за слободна и независна Македонија“ - рече градоначалникот Горан Петров во своето обраќање.
На свечената седница што се одржа по повод празникот на градот, голем број индивидуалци, здруженија, институции се закитија со пофалници, благодарници и спомен плакети за особен придонес и афирмација на градот. Најголемата деветоноемвриска награда за животно дело му припадна на Mитрополитот Повардарски Господин Агатангел.
Годинава уметничкиот дел од свечената седница е порака од младата генерација велешани и велешки уметници дека ќе ја продолжат традицијата и историјата на градот, ќе го сочуваат минатото на кое се горди и ќе го продолжат континуитетот на првенец што Велес го има низ историјата. За крај градоначалникот да им го честита празникот на велешани со следните зборови:
„Почитувани сограѓани,
Велес го правиме единствен и различен од другите, сите ние заедно. Го сакаме и го чуваме секој на свој начин. Ви го честитам празникот на општината 9-ти Ноември Вам и на сите велешани ширум светот што се гордеат со своето потекло. Ви посакувам здравје, среќа и многу успех во животот.
Велес, честит роденден!
Да живее Велес, да живее Република Македонија.“
ПОФАЛНИЦИ 9-ТИ НОЕМВРИ ЗА 2011 ГОДИНА
Пофалниците се доделуваат за афирмација на Велес во Република Македонија и надвор од неа со лични резултати постигнати на професионален план и преку ангажирања во граѓански оргавизации
1.Доброволно противпожарно друштво „Видра“
Оваа граѓанска организација е формирана пред неполни две години и за кратко време успеа да обедини млада волонтерска екипа која воспостави редовни дежурства на Езерото Младост во летните месеци, обука на граѓаните за постапување во случај на пожар во повеќекатници и да ја подигне јавната свест во спречувањето на пожари на отворен простор.
2.Костадин Петров – велосипедист
Костадин е ученик во Гимназијата „Кочо Рацин“ и најуспешниот член на Велосипедскиот клуб „Велес“. За 5 години учествувал во повеќе од 50 државни и меѓународни натпревари и секогаш бил меѓу најдобрите. Во 2011 година на државните првенства освоил 5 први места, учествувал на етапна трка во Албанија и бил дел од екипата на Меѓународниот велосипедски центар со седиште во Швајцарија како еден од седумте најдобри велосипедисти од земјите во развој. Учествувал на Светското првенство во друмски велосипедизам во Данска како единствен претставник од нашата земја. Тој е гордост на Велес и Македонија.
3.Горан Митков – земјоделец
Митков оваа година ја освои титулата Државен првак во земјоделска механизација - трактор – тешка категорија во конкуренција од 40 натпреварувачи од цела Македонија. Боите на Македонија Митков ќе ги брани на Светското првенство во земјоделска механизација што ќе се одржи во Република Хрватска. Неговиот успех е резултат на континуираното усовршување и користење на механизација во секојдневната работа со цел да добие што повисоки приноси. Неговата истрајност и упорност го донесе до високата титула – најдобар во Македонија.
4.Тоше Велев – планинар
Иако има само 17 години, Велев ова лето го освои највисокиот врв во Европа – Мон Блан.На овој поход на Алпите му претходеше освојувањето на трите највисоки врвови на Балканот. Љубовта кон планините и освојувањето на недостижните височини ја негува од 8 годишна возраст, кога си поставил пред себе задача еден ден да го освои покривот на светот. Напорните подготовки, храдброто срце и пред се цврстата волја му помогнаа да се искачи на 4.807 метри што само ја прави многу реална неговата желба да стигне и на Хималаите.
5.д-р Горан Јовиќ – хирург уролог
Д-р Јовиќ е познат и признат хирург-уролог.Максимално посветен на работата и секогаш подготвен професионално да одговори на повикот на секој пациент. Во областа во која е специјалист секојдневно истражува, се надградува и едуцира што доведе до воведување методи на лекување и пионерски хирушки зафати во областа на урологијата. Тоа отвори простор за развивање нова област во коретивната хирургија во Република Македонија. Неговите пионерски зафати во урологијата беа поздравени не само од машката популација, туку и од лекарите колеги ширум Балканот кои бараат искуството и знаењето да го пренесе надвор од овие простори. Д-р Јовиќ.
6.Мики Секуловски – соло пеач
Нема велешанец кој не навиваше за македонскиот идол Мики. Иако го освои второто место на ова реално шоу, Мики остана морален победник и миленик на публиката во цела Македонија. Музиката му е составен дел од животот од 6 година возраст кога ги освојува најнапред детските, а потоа и младинските фестивали. Средно музичко училиште завршил во Битола, а Музичка академија во Софија – отсек соло пеење. Активно членува во Градскиот црковен хор „Св. Пантелејмон“.
7.Членовите на дебатерскиот тим при Фондација „Фокус“
Моника Саздова, Весна Радиновска и Дејан Ризински се членовите на Дебатерскиот тим на Фондацијата „Фокус“ кои го освоија сребрениот медал на Меѓународното дебатно првенство Macedonia Open 2011. На натпреварот дебатираа повеќе од 120 учесника од 40 дебатски тимови од 8 држави. Велешките дебатери најнапред ги совладаа сите 10 тимови од Македонија, па потоа сите останати од другите држави. Подобар од нив беше само тимот од Хрватска.
8.Авторите на документарниот филм за посмртните останкиПанко Брашнаров – Владимир Тевчев, Александар Кукулев и Данчо Стефков
Овие членовите на новинарската екипа на емисијата КОД, на 25 септември објавија документарен филм во кој го обзнанија откритието за вечното почивалиште на народниот учител Панко Брашнар – Градски гробишта Мирогој, Загреб, Република Хрватска. За упорноста и истрајноста во потрагата по вистината добитници се на признание 9-ти Ноември за 2011 година.
9.Билјана Шкортова – претставник на Македонија на „Мис интерконтинентал 2010“
Билјана е првата велешанка која ја претстави нашата држава на меѓународен избор за убавина на меѓународниот избор „Мис интерконтинентал 2010“ кој се одржа на Карибите во Доминиканската Република, а преку промотивниот материјал кој го понесе со себе и бројните интервјуа кои ги имаше во медиумите, достојно го промовираше градот Велес и сопствената држава.
На интернет гласањето отворено за сите кандидатки од 64 земји во светот, Билјана го освои првото место, со убедливо водство од 8 000 гласови. За неполна година, успеа да го промовира градот и Македонија и во Индија каде замина на покана на специјална делегација на светскиот избор, меѓу петте избрани ВИП кандидатки од 5 држави во светот, како официјална претставничка на Македонија. Билјана Шкортова беше номинирана и за Најдобар промотор на Македонија во текот на изминатата година и се најде на листата најзаслужни за промовирање на нашата држава во светот во 2010.
БЛАГОДАРНИЦА 9-ТИ НОЕМВРИ ЗА 2011 ГОДИНА
Благодарниците се доделуваат за особен придонес во развојот на Велес и нагова афирмација во Република Македонија и надвор од неа на поединци и институции
1.Мустава Берикетли – бизнисмен од Република Турција
Господинот Берикетли е роден во Велес 1941 година. Ученик е на велешката гимназија и гимназијата во Општина Адалар, Република Турција каде живее и денес. По професија бизнисмен, член на Турско-македонскиот совет и Стопанската комора во Истамбул,Член на Советот на Општина Адалар, подеднакво успешен и како писател и истражувач. Истражувајќи го периодот на Отоманската империја пронашол многу значајни документи од 1849 година за постоење на македонско население во Солун и неговата околина и за држење богослужба на македонски јазик во велешките храмови. Г-дин Берикетли не ги заборавил своите корени. Тој е иницијатор за збратимувањето на гимназиите од Влес и Адалар и Општината Велес со општините Адалар и Каршијака каде живеат повеќе од 3.000 семејства иселени од Македонија во педесетите години на минатиот век.
2.Далиборка Златева – хуманист
Иако е дипломиран економист, Далиборка ја препознаваме по хуманоста и долгогодишната борба за што подостоен живот на лицата си инвалидност. Таа е моторна сила во подигање на свеста и актуелизирање на потребите на овие наши сограѓани. На нејзина иницијатива е издаботен првиот Стратешки план за хендикеп, обезбедена донација за соба за интензивна нега на Детското одделение во Општата болница, изградени се пристапни рампи низ градот, реализирани се бројни работилници за разбивање на предрасуди, помош на родителите на децата со церебрална парализа, препознавање на талентираните лица со инвалидност и нивна афирмација. Нејзината борба за помош и инклузија на лицата со инвалидност во заедницата со ист интензитет трае од 1997 година до денес.
3.Територијална противпожарна единица Велес
Последниве неколку години вработените во ТППЕ Велес интензивно работат на промовирање на професијата пожарникар, на лично усовршување, осовременување на опремата и возниот парк на единицата. Пожртвуваноста и хуманоста се одликите на професијата пожарникар. Во април годинава со брза, стручна и професионална интервенција, со голем ризик по сопствената безбедност, велешките пожарникариги спасија од голема катастрофа жителите на високите катови на една стамбена зграда и го спречија ширењето на пожарот.Со цел да ја разбудат свеста од опасноста од пожари во објекти и на отворен простор, отпочнаа едукативен проект во градинките и училиштата под наслов „Биди пожарникар“.
СПОМЕН-ПЛАКЕТА 9-ТИ НОЕМВРИ ЗА 2011 ГОДИНА
Спомен-плакетата се доделуваат за особен придонес во унапредувањето на дејноста, развојот на Велес и нагова афирмација во Република Македонија и надвор од неа на поединци и институции
1.Светозар Богдановски – градител на музички инструменти
Звукот по кој трага од раната младост го предизвикал Богдановски да се обиде сам да изработи инструмент и тоа мошне успешно, што било пресудно во одлуката да се произведе виолина, инструмент што е животен позив на сопругата, синот и ќерката на Светозар. Во производството на виолини вклучено е целото семејство. До сега создале преку 100 виолини и петнаесетина гитари, од кои 70 се продадени низ светот на ученици, студенти и уметници професионалци. Тежнеењето кон совршенство и желбата да се произведе инструмент што ќе произведе боја на човечки глас му го донесе на Богдановски највисокото признание што може да го добие еден градител на инструменти – наградата за звук на18-тото Светко биенале на изработувачи на виолини во Портланд – Соединетите американски држави.
2.Општинско основно училиште „Стефан Гајдов“
Велешкото основно музичко училиште е најстарото во Република Македонија, основано во 1945 година. Низ него во изминатите 65 години поминале повеќе од 3.000 ученика од кои голем дел денес се признати диригенти, солисти, професори и репродуктивни уметници. Во последните години успехот што го постигнуваат наставниот кадар и учениците се забалежува како на државен така и на меѓународен план. Само во 2011 година учениците на велешкото музичко училиште освоија 22 награди на државниот натпревар од кои 3 први, 6 втори и 7 трети места и зедоа учество на 6 меѓународни натпревари од каде донесоа високи награди.Само пред неколку дена на Меѓународниот натпревар по камерна музика, учениците од ООУ „Стефан Гајдов“ ги освоија највисоките награди – една прва, две втори и три трети места. Успехот несомнено е резултат на напорната работа и талентот на учениците, но и на стручноста, педагошкиот пристап и професионалноста на наставниците и континуираното подобрување на условите за работа во училиштето.
3.Општинско средно стручно училиште „Коле Неделковски“
Училиштето за средно стручно образование „Коле Неделковски“ од 1965 година во континуитет врши образование и професионално ангажирање и обука на кадар од машинската, електротехничката, сообраќајната и туристичко-угостителската струка.Функционалното поврзување на теоријата и праксата во една професионална рамка го издигна квалитетот на кадрите, просекот на успехот во училиштето и го зголеми интересот на учениците за школување во оваа воспитно-образовна установа. Тоа е резултат и на континуираното подобрување на условите за работа во училиштето, на следење на потребите од образовни профили на пазарот и на квалитетот на изведување на наставата од вработените во установата. Училиштето е збратимено со сродно училиште од Новогард Полска. Интензивната соработка, размената на искуства го приближи училиштето кон тредовите на европско образование. Благодарејќи на оваа соработка дојде и до збратимување на двата града Велес и Новогард.
4.Јавна здравствена установа Општа болница Велес
Велешката болница е со капацитет од 306 болнички легла и дава услуги на жителите од општините Велес, Градско, чашка, Свети Николе, Росоман и за целиот повардарски регион. Организирана е во 10 медицински одделенија и специјалистички дејности. Во 2010 година во болницата се извршени 59.228 специјалистички прегледи. Менаџерскиот тим и вработените во болницата во последните години вложуваат максимални напори за реновирање, доградба и опремување на болницата така што денес болницита дава услуги на пациентите на многу повисоко ниво и со оптимални стандарди за давање здравствени услуги. Реновирањето, доградбата и опремувањето покрај со средства од донатори и Министерството за здравство, но и со сопствени вложувања.
По долги напори во Велес да се отвори Центар за лекување на болести на зависности, Општата болница го стори тоа. Го отвори овој Центар за метадонска терапија во рамките на Одделение за невролошки и психијатриски болести.
НАГРАДА НАЈСТУДЕНТ „Д-Р ЃОРГИ ШОПТРАЈАНОВ“
1.Надица Тошева
Надица е редовен студент на IV година на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, смер Надворешна трговија со просек 9,52. За цело време на студирањето Надица покажува особен интерес за проблематиката од надворешната трговија и Меѓународната економија.како презентер и реализатор на практична настава. По препорака на менторот проф. Д-р Ирена Кикеркова, Надица реализира практична работа во Царинската управа на Македонија.
НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ГЕМИЏИИ“
1.господин Агатангел- Митрополит на Повардарската Епархија
Митрополитот Повардарски г. Агатангел (Атанас Станковски) е седми архиереј по хиротонија во Синодот на Македонската Православна Црква. На оваа функција и со ова име е од 1998 година. По краткото раководење со Повардарската епархија во 2000-тата година г. Агатангел на 08.10.2006 година, во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон” во Велес е интронизиран за Митрополит Повардарски.
Митрополитот Агатангел, за време на својата пастирска дејност, и како свештеник и како Епископ и Митрополит, правилно ги проценува потребите на својот народ. Она што ја карактеризира неговата личност е посебниот патриотизам и родољубие, чија одлика и специфичност не е само изговореното слово или напишаниот збор, туку дејствувањето и исполнувањето на библиските принципи. Библијата нè учи во неволја и тешкотија да му помагаме на човекот, зашто токму во тешкотија и несреќата се гледа и покажува нашата вистинска подготвеност за љубов кон ближните. Токму оваа евангелска доктрина е инспирација за Митрополитот Агатангел во неговата мисионерско-хуманитарната дејност „Ѓаконија”.
Во склоп на „Ѓаконија“ создадена е и плодна издавачка дејност, основан е весникот „Сеправославие”, а Митрополитот Агатангел е главен и одговорен уредник и под негово духовно раководство и надгледност се преведуваат и издаваат повеќе клучни теолошки книги, кои дотогаш, од разни причини, не биле претставени на македонската читателска публика на нашиот мајчин македонски јазик.
Во моментов Владиката Агатангел ја извршува должноста ректор на Македонската православна богословија во населбата Драчево во Скопје.
Личните квалитети, организаторските способности и благородното делување на Митрополитот Агатангел секојдневно се потврдуваат пред велешани во изминативе 5 години откако е тој духовен татко на христијаните од нашата општина и целата Повардарска Епархија. Умешното раководење на Неговото Високопреосвештенство господин Агатангел го насочи свештенството максимално да се посвети на својата духовна мисија и се поголемото присуство на претставниците на Македонската православна црква онаму каде се најпотребни – меѓу народот.
Ова е основната причина што Велес постепено го добива вистинскиот лик на христијанска населба во која најубави, најсвечени и најпосетени се божјите храмови како во најплодните христијански времиња од XIV до XIXвек.
Црквата Света Богородица е реновирана и одново живописана. Во централното градско подрачје се приведува кон крај изградбата на соборниот храм Св. Кирил и Методиј, во месноста Багремче, во најгусто населениот дел на Велес во подготовка е изградбата на нова црква. Во Отовица старата црква доби нов лик, параклисот Св. Петка – доби достојна градба, а само пред неколку дена се поставија темелите за изградба на нова црква во кругот на Општата болница во Велес. Негова заслуга се и групните венчавки и крштенки што е уште еден начин на враќањето на православните граѓани кон верата.
Со Негов благослов Советот на Општина Велес донесе Одлука за востановување на светец заштитник на градот – Свети великомаченик Пантелејмон и еве две години по ред заеднички Повардарската епархија и Општина Велес го организираат неговото празнување.
Соработката на Општина Велес и Повардарската епархија, пак со иста цел, во име и за добробитта на граѓаните е на многу високо ниво. Дело на заеднички ангажирања е Црковната кујна, новите црковни градби, одржувањето и изградбата на приодните патишта кон постојните храмови.
Во знак на благодарност и почит Советот на Општина Велес му ја доделува највисоката награда - наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2011 година.