Проект за едукација на средношколци

Општина Велес, Локалната библиотека „Гоце Делчев“ - Велес и Црвениот крст, започнаа со проект за едукација на младите велешки средношколци за проблемите и последиците кои настануваат од користењето на дрога. Предавач беше д-р Мартин Хаџи-Наумов, а првото предавање беше наменето за учениците од ССОУ „Јовче Тесличков“ од Велес. Предавањето беше изведено со прикажување на видео презентација, преку која беа објаснети начинот на кој дрогата влијае врз корисникот, како и штетните влијанија од нејзиното користење. Беше прикажан и краток филм за нарко зависници, а присутните во салата имаа можност да слушнат една потресна исповед на еден велешки зависник кој е под третман, а чиј идентитет остана скриен.

 

Целта на овој проект е да се запознаат младите со пеколот на дрогата, зашто превенцијата од започнување со употеба на наркотици е најдобар начин за заштита од ова зло.

Директорот на Локалната библиотека „Гоце Делчев“, Игор Крајчев најави дека овие предавања ќе продолжат за сите општински средни училишта од каде што има интерес, а исто така беше најавено дека овој начин на информирање и едуцирање на велешани ќе продолжи и во иднина на различни актуелни теми.