Промоција на проект: „Зелен пакет јуниор“
Еколошкото друштво „Вила Зора“ во петокот на 9.12.2011 го промовираше проектот: „Зелен пакет јуниор“. Овој проект предвидува активности за едукација на најмладите и ќе се реализира во сите училишта во Oпштина Велес. Училиштата иако веќе работат на еколошка едукација на учениците и се вклучени во повеќе поединечни проекти, некои дури и се носители на признание „Зелено знаме“ како еколошки училишта, сепак овој проект значи опфатеност на ученици од I- V одделение и обезбедува паралелна теоретска и практична работа.
На првата работилница, учесниците ги поздрави Градоначалникот Петров кој и во оваа пригода потенцираше дека Општина Велес е секогаш на страната на граѓанските организации и на поединците кои имаат идеја и знаат како да ја реализираат, а се однесува на заштитата на животната средина. „Со овој проект се создава нова армија велешани кои со знаење и развиена граѓанска свест ќе продолжат да ја водат еколошката револуција.“ – со овие зборови таткото на градот посака успешен тек во реализацијата на активностите предвидени со : „Зелен пакет јуниор“.