Одбележан Денот на превенција при МВР

Со презентација на активностите во 2011 година на Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи во Велес, денес на пригоден начин беше одбележан  Денот на превенција при МВР. Во присуство на претставници на МВР, СВР – Велес, членови на Локалниот совет за превенција, бизнис заедницата и невладиниот сектор, за соработката меѓу полицијата и ОБСЕ во Македонија говореше г-дин Роберт Мерион, шеф на отсекот за развој на полицијата со граѓаните при ОБСЕ во Македонија.

 

Соработката меѓу полицијата и локалната власт, поддржана од граѓанскиот сектор, во последниве години  бележи посебни резултати во делот на превенирањето. Локалниот совет за превенција, формиран е меѓу првите во Македонија, но неговите вистински ефекти од работата, од соработката со полицијата , со ОБСЕ и со граѓаните се чувствуваат во последниве 2 години.  Реализирани се бројни едукативни средби и предавања за превенирање и препознавање на семејното насилство, трговијата со луѓе, малолетничката деликвенција, трговијата и растурањето на дроги и други психотропни супстанци, но и безбедност во сообраќајот, едукација на пешаците, децата и возачите, како и утврдување на приоритетите со една единствена цел- зголемување на безбедноста на граѓаните и превенирање на несаканите појави – истакна градоначалникот на Општина Велес, г-дин Горан Петров.

Со заедничка соработка меѓу полицијата, ОБСЕ , локалната власт и средните училишта,  успешно е имплементиран проектот „Безбедни училишта - хармонична средина“ кој ќе продолжи и за учениците од основното образование во Општина Велес, но и за учениците од  општините во рамките на Вардарскиот плански регион.

На крајот, г-дин Петре Игнов, началник на СВР – Велес ги повика сите надлежни субјекти во Општина Велес на заедничка соработка за постигнување на уште подобри резултати во областа на превенцијата и зголемувањето на безбедноста на граѓаните.