Специјалниот претставник на ЕУ го посети Велес

Image Велес е идеално место да се започнат активностите за одбележувањ на 9-ти Мај, Денот на Европа во Република Македонија, оцени Амбасадорот Ерван Фуере, Специјален претставник на ЕУ и шеф на Делегацијата на Европската Комисија во Македонија. Амбасадорот Фуере изрази особено задоволство од степенот на соработка на општината со невладиниот сектор и нивото на имплементација на информатичко-комуникациската технологија во општината.


Во рамките на неговата работна посета на Велес,специјалниот претставник на ЕУ оствари разговори со Градоначалникот Аце Коцевски како и со Претседателот на Советот на Општина Велес и координаторите на советничките групи на кои накратко беше запознат со тековните состојби во Велес, актуелните проблеми, текот на реформите во рамките на процесот на децентрализација, проектите кои се реализираат во општината како и подготовките за претстојните парламентарни избори.

Image

Во рамките на неговиот престој во Велес, Амбасадорот Фуере учествуваше на трибината организирана во соработка со Европското движење на Република Македонија на тема: „Улогата на локалната самоуправа и нво секторот во Република Македонија на патот кон Европа“. Покрај Фуере на трибината говореа Градоначалникот Аце Коцевски , д-р Филип Хојос Амбасадор на Република Австрија, земјата преседавач со ЕУ, Урлих Клепман претставник на фондацијата Конрад Аденауер, и проф д-р. Димитар Мирчев, претседател на Европското движење на Република Македонија.

На трибината велешани најмногу се интересираа за олеснувањето на визниот режим и можностите за образование на младите во земјите на Европската Унија.

Image

Говорејќи за евроинтегративните процеси, Амбасадорот Ерван Фуере потенцираше дека Европската Унија останува на курсот на проширување согласно Самитот во Солун, но проширувањето ќе зависи од подготвеноста и компетентноста на земјите аспиранти да ги спроведат реформите во рамките на евроинтеграциите.

Предпристапната помош во рамките на инструментот ИПА ќе биде насочена кон локалните заедници, рече Фуере претставувајќи го новиот инструмент за предпристапна помош што наскоро ќе започне да се имплементира во Македонија.

Тој на велешани им укажа на искуствата од развиените европски земји, а особено искуствата од Ирска каде како што рече вложувањето на големи средства во развојот на образованието придонело за развојот на земјата и достигнувањето на стандардите на ЕУ.

Во рамките на посетата на Велес, Фуере оствари и средба со учениците од средните училишта во општината на која со младите размени мислења за нивните очекувања околу влезот на Македонија во ЕУ. Воедно Амбасадорот Фуере на младите велешани им пренесе корисни информации околу програмите на ЕУ што тие ќе имаат можност да ги користат во своето понатамошно образование.
Престојот на Ерван Фуере во Велес беше искористен и за запознавање на Амбасадорот со културното наследство на Велес. Тој ги посети Народниот музеј и црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон“, а посебен интерес покажа за поезијата на Кочо Рацин.