Промовиран проектот: „Грижа на стари лица во домашни услови“ во партнерство на ОО на Црвен крст и Општина Велес

Согласно Националната програма за грижа на стари лица, Општина Велес неколку години наназад реализира проекти поврзани со подобрување на условите за живот на старите лица. Општината е партнер во проектот за грижа на стари лица во домашни услови што Општинската организација на Црвен крст од Велес успеа да го добие како грант од Австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за развој. Проектот првите две години ќе се реализира со целосна поддршка на австриската влада. Во имплементацијата учествуваат волонтерите на Црвениот крст и медицински лица кои ќе пружаат нега и ќе се грижат за старите лица во домашни услови.

Подготовките за почетокот на проектот започнаа кон крајот на 2011 година, при што Општина Велес како партнер се вклучи со доопремување на потребите на волонтерите во проектот. Со Програмата за активностите на Општина Велес во остварувањето на социјалната и здравствената заштита за 2012 година планирани се средства за поддршка на овој проект, а во 2013 година по завршувањето на донацијата од Австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за развој, Општина  Велес целосно ќе го превземе финансирањето и реализирањето на овој проект и ќе ја продолжи соработка со Општинската организација на Црвен крст.

Општина Велес се гордее со овој проект бидејќи е една од трите општини во Република Македонија во кои се реализираат вакви проекти. Во најскоро време ќе стартува и проект за нега на стари лица во домашни услови. Успешноста на овие проекти е заслуга на добро организирана тимска работа во која е вклучен и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. На промоцијата на проектните активности, претставници на Црвениот крст и Градоначалникот Горан Петров го посетија домот на едно старо лице, корисник на услугите за грижа за стари лица во домашни услови.