Евроинтеграциите – континуирана заложба

Горливиот и иреален спор за името, достигнувањето на утврдените стандарди во областите клучни за членството во ЕУ, работата на администрацијата во Брисел, беа само дел од прашањата  што на 15-ти февруари годинава, велешани му ги поставија на амбасадорот Роберт Лидл, вршител на должноста Шеф на Делегацијата на Европската комисија во Скопје. Презентацијата на политиката за проширување на ЕУ и извештајот за напредок 2011 на Европската комисија  што се одржа во организација на Делегацијата на Европската унија и ЕУ инфо точката при Општина Велес го привлече интересот на  администрацијата, преставниците на институциите, установите, граѓанскиот сектор и медиумите.

Изборот на Велес за организација на овој значаен настан Градоначалникот Горан Петров го оцени како израз на задоволство од успешната соработка со Делегацијата на ЕУ во изминатите 10 години и поттик за продолжување на успешната соработка. Како што рече Петров, ЕУ Инфо точката во општината работи од 2006 и активно учествува во сензибилизацијата на граѓаните и евроинтеграциите на локално ниво. Во своето обраќање Градоначалникот ги потенцираше досегашните заложби на општината преку достигнувањето на највисоките стандарди да им обезбеди квалитетни услуги на граѓаните. Амбасадорот Лидл истакна дека членството во ЕУ е тешка задача која бара многу напори дури и од земјите членки,. „Како земји со различности во многу аспекти имаме еден заеднички европски идеал: да помогнеме во процесот на проширување да имате ист пристап кон стандардите и обезбедувањето на услугите“, рече Лидл кој нагласи дека Македонија има континуиран процес на напредок во евроинтеграциите. Тој ја нагласи и улогата на децентрализацијата во остварувањето на човековите права на локално ниво. Настанот ја потврди потребата од интензивирање на средбите со претставниците на ЕУ со цел граѓаните да  имаат што поголем пристап до механизмите на активното учество во евроинтегративните процеси.