По три седмици, стигна помош до Ветерско

Волонтерите од Црвениот крст во вториот обид доставија храна за завеаните жители од Ветерско, бидејќи обидот од пред десет дена беше неуспешен, поради високите наноси на снег. Селото се наоѓа помеѓу двата краци од автопатот Скопје-Велес. Екипа волонтери од Црвениот крст од Велес денескa стигна до селото Ветерско, чии жители три седмици беа отсечени од светот. Петнаесет волонтери донесоа 150 килограми храна: брашно, зејтин, шеќер, сол, грав, ориз, леќа,супи, паштети, макарони, кои се донација од Општина Велес. Помошта им е доделена на седум семејства со единаесет жители во село Ветерско.

 На волонтерите им биле потребни повеќе часови борба со високиот снег за да стигнат до селото и да достават помош за десетината стари и изнемоштени лица.

- Беше напорно, но задоволството е целосно кога ќе ги видиш среќните лица на старците кои со недели беа сами во оваа снежна пустина. Донесовме храна која им беше неопходна – изјави Петре Петрушевски волонтер, член на ОО на Црвениот крст од Велес. Волонтерите им донесоа радост

Тој заедно со Бубо Попов беа највозрасни во оваа група, додека останатите беа младинци до 20-тина години. Волонтерите со комбе стигнале до паркингот кај манастирот за Ветерско, а оттука пешки, предводени од мештанинот Бранко Маневски ја однеле помошта во селото.

- Утрово пријатно не изненадија машки гласови во селото. Кога гледаме млади луѓе. Ни донесоа храна и лекови, се што ни треба. Фала им и Господ здравје да им дава. Така сега сме обезбедени до натаму. Само уше снегов да се стопи – вели Нада Мајсторова жителка на селото.