Срцето на Македонија ќе се поврзе со истокот

Граѓаните на Велес на јавна расправа, на 22 февруари годинава имаа можност да го кажат своето мислење за амбициозниот инфраструктурен проект кој треба да ја подобри патната инфраструктура во Централна и Источна Македонија.  Автопатот М-5 кој ќе ги спојува бугарската граница – Црна Скала и Велес ќе се гради во должина од над 98 километри и ќе минува низ повеќе општини од Источна Македонија. Автопатот кој треба да се приклучи кон автопатот Куманово - Гевгелија ќе го поврзува Велес со  Лозово,  Св. Николе, Штип, Кочани, Чешиново - Облешево и Виница.

Овој амбициозен проект е долго очекуван од жителите на централниот и источниот дел на Македонија и според најавите ќе биде од исклучително значење за развој на економијата и туризмот на национално ниво. Горан Трајановски, автор на проектот „Автопат М-5“ пред велешани образложи дека станува збор за комплексен проект кој вклучува и изградба на голем број мостови и вијадукти и за чија реализација ќе биде потребно да се изврши експропријација на околу 250 хектари земјоделско земјиште. Автопатот кој ќе опфаќа три делници, според експертите ќе овозможи минување на делницата Велес – Виница  со просечна брзина од 120 км/ч, а делницата Виница  - Бугарска граница ќе се минува со помала просечна брзина од 100 км/ч поради конфигурацијата на теренот.  Се очекува целокупната техничка документација да се обезбеди во наредните две години.  Граѓаните активно се вклучија уште фазата на подготовка на документацијата особено по прашањето на влијанието на проектот на животната средина. Во процесот на децентрализација, овој инфраструктурен проект треба да обезбеди значаен импулс за одржлив развој на локално и регионално ниво како и висококвалитетни услуги за граѓаните и посетителите кои ќе ги користат овие патни правци. Студијата за оцена на влијанието на проектот на животната средина на организираната јавната расправа откри и голем број значајни детали за фазата на изградба на делницата при што ќе се посвети внимание на заштита на биодиверзитетот вдолж подрачјето на интервенција.