Баклава и за Прочка и за Бајрам
Проектот за инклузија на деца Роми во предучилишниот процес практично покажува колку децата со различна верска и национална припадност може да се зближат. Заедничкото живеење е возможно само ако меѓу себе добро се познаваме и се почитуваме. Правењето баклава за верски празник помага да ги осознаат децата празниците на другарчето од друга националност, да ги научи неговите обичаи, да има можност да ги спореди со своите. Бабите и мајките на децата од Градинката „Димче Мирчев“ вчера им покажаа на сите присутни дека начинот на подготовка на баклавата е ист и за Прочка и за Бајрам. Значењето на празникот исто така – со зедничка порака на простување, почитување и сочувување на традицијата.
Пораката што вработените од градинката ја испратија преку оваа активност на децата е дека од најмали нозе треба да си ја познаваат својата традиција, да научат како да ја чуваат и да ја претстават пред другите, но и да научат како да ја почитуваат традицијата на другарчињата. Моделот на поврзување и меѓусебно запознавање може да се применува и во училиштата, така и толеранцијата и меѓусебното почитување ќе бидат поголеми. Сите гости и децата од градинката на крајот се уверија дека и двете баклави се подеднакво слатки.



