Н.Е. ПОЛ ВОЛЕРС ВО ПОСЕТА НА ОПШТИНА ВЕЛЕС

Во рамки на редовна посета, на осми март (четврток) Амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Н.Е. Пол Д. Волерс  ја посети  Општина Велес и  оствари средба со градоначалникот Горан Петров во кабинетот на градоначалникот. На средбата со Градоначалникот Горан Петров во подолг разговор Амбасадорот се интересираше за досегашната соработка на општината со американската амбасада, за бројните реализирани проекти но и за Велес, неговата историја, култура и стопански развој. Градоначлникот и Амбасадорот заедно ја посетија населбата „Хабитат“ и го изразија задоволството од веќе видливите резултати на проектот.

 Најмладата населба во Велес, градена со љубов и поддршка од волонтерите на Хабитат, нејзините жители и Општина Велес како парнер во  проектот ги доби куќните броеви, а до крајот на месецов во 24-те стамбени единици ќе се вселат и првите станари. Амбасадорот Волерс пројави голем интерес за велешката култура и традиција, но поради лошите временски услови успеа да ја посети само црквата „Света Богородица“. Беше воодушевен од фреските, иконостасот и резбата на реновираната црква. Амбасадорот го напушти Велес со уникатен подарок од копаничарот Љубомир Бисин – Грбот на САД изработен во ореово дрво.