Министерката за култура во работна посета на Велес
Во работна посета на Општина Велес вчера беше Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Најнапред во кабинетот на Градоначалникот Горан Петров беа отворени сите прашања од областа на културата поврзани со Велес како културна ризница на Македонија, проектите и активностите што ги презема Општината за да го задржи нивото на град со богата култура и традиција.
Фокусот на посетата беше ставен на новата театарска зграда и Спомен-костурницата.
Министерката Канческа-Милевска изрази задоволство од динамиката со која се одвиваат градежните работи на новата театарска зграда и изјави дека најдоцна до мај оваа година ќе биде готова и фасадата на зградата, а за почетокот на идната година го најави отворањето на вратите на театарот и за публиката.
Посетата на Спомен-костурницата беше со цел Министерката лично да ги види и од прва рака да ги дознае проблемите што настанаа со прокиснувањето на кровната конструкција на овој објект.
- „Во овој објект е инвестирано многу пати до страна на Министерството за култура“ – рече Министерката Канческа Милевска. „Важно е да се откријат точните проблеми или од каде протекува во внатрешноста, добро е што нема големи оштетувања на мозаикот. Затоа ќе дојде поголем стручен тим каде ќе има лица до Националниот конзерваторски центар, од Управата за заштита на културното наследство, од министерството за култура, од велешкиот музеј и локалната власт. Има повеќе можности, но стручните лица ќе кажат што и како да се работи. “
Свој придонес во комплетирањето на сликата за овој споменик на културата од национално значење ќе даде и Општина Велес која ќе се погрижи неговото окружување и приодните патеки да ги уреди и хортикултурно и со урбана опрема.