Велес домаќин на соработката Македонија - Долна Нормандија
На 3-ти април годинава, во просториите на Општина Велес се одржа средишниот управен одбор во рамките на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и регионот Долна Нормандија, Република Франција. Присутните членови на одборот, претставници на здруженија на граѓани и асоцијации кои се вклучени во различни области на соработка имаа можност од Надеж Леклуз, шеф на одделот за соработка и мобилност на регионот Долна Нормандија да се информираат за актуелната политичка ситуација во Франција и да ги слушнат оценките за досегашните резултати од билатералната соработка Македонија - Долна Нормандија.
Леклуз истакна дека соработката со Македонија е многу значајна за регионот Долна Нормандија и дека е најзначајната соработка за Франција на Балканот. Паскал Гале, аташе за меѓународна соработка при Амбасадата на Република Франција изрази задоволство од постигнатите резултати во изминатите пет години со напомена дека овде не се работи за апстрактна соработка туку за исклучително динамични и комплексни активности кои се соодветни на посакуваните резултати. Гале најави дека годинава Република Франција ќе ја продолжи поддршката за Македонија и во други области како што е обуката на јавните службеници, информирањето за ЕУ фондовите, Академијата на судии во Македонија. Ѕвонко Зафировски, претставник на Министерството за локална самоуправа пред присутните ја претстави структурата и организацијата на регионалниот развој во Македонија при што беа разгледани можностите за вклучување на 8-те плански региони во програмата за соработка Македонија-Долна Нормандија.
Фокусот на програмата која поттикна соработка на 130 партнери од обете страни е зајакнувањето на европското граѓанство и вклучувањето на невладиниот сектор во одржливиот развој. Во рамките на оваа програма невладини организации од Македонија и Долна Нормандија реализираат проекти во областа на културата, информатичката технологија, туризмот, заштитата на архитектонското наследство, земјоделството, младите и човековите права. Постигнатите резултати ги поттикнаа организаторите на програмата Советот на регионот Долна Нормандија и АЛДА како посебна оска на соработка да го вклучат и збратимувањето на општините од Македонија и Долна Норм,андија. Според најавите, во јуни годинава Велес официјално ќе се збратими со Шербур Октевиљ врз основа на конвенција за децентрализирана соработка во повеќе области меѓу кои управување со отпад, култура и информатичка технологија.