Франкофонијата и демократијата

Во организација на „Франкофонски круг“ од Скопје, Центарот за истражување и креирање политики и Општина Велес на 6-ти април годинава, во просториите на општината се одржа конференција на тема  „Франкофонијата и демократијата“. Потенцирајќи ја успешната соработка со Република Франција, во своето поздравно обраќање, Градоначалникот Горан Петров изрази надеж дека конференцијата ќе придонесе во рамките на франкофонијата да се дискутира за механизмите што овозможуваат и ќе овозможат целосна примена на Повелбата на Европската Унија за основните човекови права.

„Задоволство ми е што во оваа пригода можам да кажам дека Велес како град стожер на македонскиот културен идентитет ги следи светските и европските текови и дека во голема мера претставува пример за демократска  мултиетничка средина“, рече Петров. Амбасадорот Благој Зашов, претседател на „Франкофонски круг“- Скопје го нагласи значењето на Декларацијата од Бамако усвоена во 2000-та година во рамките на меѓународниот симпозиум за билансот во практикувањето на демократијата, човековите права и слободите во франкофонскиот простор. „Во светот има 220 милиони франкофони, а 100 милиони ученици го учат францускиот јазик. Франкофонијата во Република Македонија датира уште од 1856-та година, кога е отворен првиот конзулат во Битола“, рече Зашов кој потенцираше дека денес 19% од светската трговија со стоки се одвива во франкофонските земји кои се посветени на заштитата на човековите права во сите аспекти од општествениот живот. На Конференцијата, во името на Амбасадата на Швајцарија присутните ги поздрави Жералд Делез,заменик шеф на мисија. Тој нагласи дека Швајцарија како земја која преседава со Земјите на франкофонијата во голема мера се грижи за човековите права. „Швајцарија е посветена и на развојот на Македонија каде годишно инвестираме 11 милиони швајцарски франци за проекти и активности во заштитата на животната средина, децентрализацијата, Парламентарниот институт и други значајни области“, рече Делез. Присутните на конференцијата имаа можност да ги слушнат предавањата на проф. д-р Жидас Даскаловски на тема „Толеранција, малцински права и решавање на конфликти и д-р Марија Ристеска на тема „Принципи на транспарентност и контрола на независни тела и јавно приватни партнерства.“

Конференцијата се одржа  во рамките на проектот за развој на демократијата што го води „Франкофонски круг“, а чија цел е запознавање на македонската јавност со практицирањето на демократијата, човековите права и слободи во франкофонскиот простор, преку промоција на Декларацијата од Бамако.