Потпишан акт за соработка меѓу Велес и Вараждин
Унапредувањето и развојот на меѓуопштинската соработка, а со тоа и создавање на нови можности за стопанска и културна соработка, се едни од врвните приоритети на кои е посветена Општина Велес. Во тие рамки, денес Општина Велес беше домакин на делегацијата на град Вараждин, Република Хрватска, предводена од градоначалникот, г-дин Горан Хабуш. На средбата, во присуство на г-дин Златко Крамариќ амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија беше потпишано писмо за разбирање меѓу двата града.
„Почестен сум што имам можност да бидам домаќин на делегацијата на градот Вараждин и како градоначалник и како претседател на Вардарскиот плански регион“ - истакна во своето воведно обраќање г-дин Горан Петров, градоначалник на Општина Велес. Иако најчесто врските на две држави, на два народа, на два града започнуваат како по правило преку културата и културните манифестации, соработката на Велес и Вараждин започнува со соработка на стопанствениците. Нашите контакти траат подолго време, а линкот што не поврзува е Македонската амбасада во Република Хрватска и личните заложби на неговата екселенција Данчо Марковски. Тој точно проценил дека Велес и Вараждин имаат многу допирни точки – сличен стопански профил, ориентација кон интензивен стопански развој, целосна поддршка на стопанските и занаетчиските комори кои треба да ги обединат стопанствениците и да работат на пронаоѓање нови пазари.
Токму затоа и актот што денес го потпишавме е писмо на разбирање, акт што ја потврдува нашата добра волја како први луѓе да ги отвориме широко вратите за соработка и да градиме меѓусебна доверба врз темелот на едно трајно пријателство.
Првичната соработка ќе резултира и со заедничка средба на стопанственици од Велес и Вардарскиот плански регион со сродни бизнисмени од Вараждинската жупанија, со цел за воспоставување на взаемна соработка и обезбедување пласман на производството.