Франкофонски излет во Велес

Предностите  на Велес за развој на транзитниот туризам и економијата како и богатото наследство  како град стожер на македонската историја и култура, беа  дел од темите на кои Градоначалникот Горан Петров разговараше на неформална средба со претставниците на дипломатскиот кор во Република Македонија кои го зборуваат францускиот јазик. Настанот насловен „Франкофонски излет“ се одржа  на 12 мај годинава, во организација на ЗГ „Франкофонски круг“ - Скопје и Општина Велес.  Амбасадорите на Франција, Швајцарија, Италија, Австрија, ОБСЕ и Замениците-амбасадори на Германија и Косово имаа можност да го запознаат Велес  од поинаков  аспект, преку неформални средби,  дружење и посета на културните знаменитости.  Амбасадорите ја посетија спомен - куќата на Кочо Рацин, црквата „Св. Богородица“ и  археолошкиот локалитет „Стоби“.  Тие  имаа можност и да се запознаат со производствените капацитети и да  уживаат во дегустацијата на вина во винаријата „Стоби“ , меѓу кои и наградените на меѓународни натпревари во Париз и во Њујорк.

Амбасадорот на Република Франција, Жан Клод Шлумберже изрази задоволство од организацијата на настанот кој како што рече „Е израз на вредностите на франкофонијата“. Тој најави продолжување на успешната соработка со Општина Велес и во наредниот период. Градоначалникот Горан Петров, во името на граѓаните изрази благодарност за интересот на дипломатскиот кор да го запознаат Велес и сите негови потенцијали за развој. Благој Зашов, претседател на „Франкофонски круг “- Скопје рече дека Велес прераснува во еден од македонските центри на франкофонијата и најави продолжување на соработката со реализација на нови активности во интерес на граѓаните.  На средбата, амбасадорите покажаа интерес и за  потенцијалите на Велес  за одржлив економски развој.