Продлабочување на соработката меѓу Општина Велес и Црвениот крст

Како резултат на повеќегодишната успешна соработка, денес беше остварена средба на градоначалникот на Општина Велес, г-динот Горан Петров со претседателот на Црвениот крст на Македонија и претседател на Општинската организација на Црвениот крст од Велес, мед.сци д-р Милчо Трајков. Мерѓусебната  плодна соработка на полето на превенцијата од туберкулоза, помош на социјално загрозени семејства и грижа за старите и изнемоштени  лица резултира со заеднички активности и проекти во кои како партнер на програмските активности на Општина Велес  се јавуваат  волонтерите на Црвениот крст. Во тек е заеднички проект финансиран од Австрискиот Црвен крст за грижа за стари лица во домашни услови, кој моментално се имплементира во три општини – Велес, Крива Паланка и Скопје.

Општинската организација на Црвениот крст успешно се вклучува во активностите што ги организира Општина Велес. Волонтери и членови со амблемот на Црвениот крст можат да се забележат на многу манифестации од разни области, како и во силите кои дејствуваат на територијата на општината за заштита и спасување на лиѓето и материјалните добра. Оваа зима во завеаното од снежни  наноси  и изолирано с. Ветерско волонтерите на Црвениот крст успеаја да се пробијат и на месното население да им однесат храна и лекови. Со цел за продлабочување и проширување на соработката беше истакната потребата од потпишување на меморандум за соработка.