Велес се збратимува со Шербур Октевиљ

Делегација на Општина Велес предводена од Градоначалникот Горан Петров од 28 мај  до 1-ви јуни година престојува во официјална работна посета на Општина Шербур Октевиљ, Република Франција. Во рамките на посетата организирана како дел од Програмата за децентрализирана соработка Македонија - Регион Долна Нормандија, членовите на делегацијата на Општина Велес во чиј состав покрај Градоначалникот Петров се и директорите на локалните установи од областа на културата ќе разменат искуства и ќе утврдат план за културна соработка на двете општини.

Градоначалниците Горан Петров и Бернар Казанев ќе потпишат Конвенција за децентрализирана соработка која покрај културата е фокусирана на управувањето со отпад, граѓанското учество, архитектонското наследство, информатичката технологија, граѓанското учество и други области од интерес за взаемна соработка. Во рамките на престојот во Шербур Октевиљ, делегацијата на Општина Велес има можност да посети повеќе културни знаменитости и на лице место да се запознае со начинот на организација и работа на културните институции во општината.