Стартуваше проектот „Народна кујна“

ImageОпштина Велес и Министерството за труд и социјална политика склучија договор за реализација на проект за отворање на народна кујна во Велес. Договорот за реализација на проектот го потпиша Министерот Стевче Јакимовски кој присуствуваше и на првата дистрибуција на топол оброк во народната кујна.

Согласно со договорот храната за околу 100 регистрирани корисници на постојана парична помош на возраст од над 65 години ја обезбедува ОЈУДГ „Димче Мирчев“. Обрска на општината е набавката на неопходната амбалажа за дистрибуција на храната и контролата над редовноста на дистрибуирањето на храната. Министерството за труд и социјална политика месечно ќе партиципира со финансиска поддршка во висина од 150.000 денари за непречено функционирање на народната кујна. Кујната ќе работи на повеќе пунктови –простории на ОЈУДГ „Димче Мирчев“ во зависност од местото на живеење на корисниците на услугите. Проектот Народна Кујна се реализира во рамките на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита за 2006 година од елаборатот изготвен врз основа на Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита за 2006 година.

Image

Народната кујна е првиот проект реализиран во рамките на надлежностите од областа на социјалната заштита што Општина Велес ги делегираше на здружението на граѓани „Иницијатива за социјална поддршка“.

Со оглед на најавите за зголемување на бројот на корисници на услугите на народната кујна и потребите за одржливост на проектот Министерството за труд и социјална работа и Општина Велес проектот треба да го вклучат во планирањето на буџетот за 2007 година.